Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека војната против Иран би можела наскоро да заврши, бидејќи верува дека „скоро и да нема цели“ за напад во земјата.
„Практично нема што да се нападне и војната наскоро ќе заврши“, рече Трамп во интервју за Аксиос. Според него, конфликтот би можел да заврши „кога тој ќе одлучи“.
Од почетокот на непријателствата на 28 февруари, Трамп даваше спротивставени сигнали за целите и времетраењето на операцијата, но неодамна сè повеќе алудираше на брз крај на конфликтот поради наглиот пораст на цените на нафтата.
Белата куќа е под политички притисок поради обвинувањата дека ја започнала војната без доволна подготовка за последиците, вклучително и можни ирански напади врз бродовите во Ормутскиот теснец.
Во среда, на 11 март, Иран отвори оган врз два трговски брода во Персискиот Залив, од кои едниот се запали.
Трамп рече дека американските сили уништиле поголем дел од иранските бродови за поставување мини „за само една ноќ“, но додаде дека верува дека Техеран сè уште не поставил мини во теснецот.
Претседателот го повтори своето тврдење дека поморските и воздухопловните сили на Иран, како и неговите системи за воздушна одбрана, се практично уништени. Сепак, тој додаде дека „операцијата сè уште не е завршена“.
Вашингтон вели дека целите на војната вклучуваат спречување на Иран да развие нуклеарно оружје и демонтирање на програмата за балистички ракети на Техеран.
Во меѓувреме, американската војска предупреди дека цивилните пристаништа во Ормутскиот теснец би можеле да станат легитимни воени цели, бидејќи Вашингтон вели дека Иран ги користи за воени операции.
Конфликтот веќе предизвика обвинувања против САД откако „Њујорк тајмс“ објави дека американска ракета „Томахавк“ погрешно погодила основно училиште во Иран.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац рече дека операцијата против Иран ќе продолжи „на неодредено време“ сè додека не се постигнат сите цели.
Иран, пак, предупреди дека е подготвен да возврати.