Претседателот на САД, Доналд Трамп, во своето обраќање на 80-тото заседание на Генералното собрание на ОН упати серија остри пораки – од критики кон европските сојузници и зелената енергија, до предупредувања за имиграцијата и биолошкото оружје.
„Време е да се стави крај на неуспешниот експеримент со отворени граници. Вашите земји одат по ѓаволите“, изјави Трамп, критикувајќи ја миграциската политика во Европа.
Тој се пофали дека во своите први осум месеци од вториот мандат САД станале „најтоплата земја“ во светот и дека неговата администрација ставила крај на седум меѓународни конфликти.
Американскиот претседател предупреди дека истражувањата за биолошко оружје и вештачки патогени можат да го уништат светот, најавувајќи дека САД ќе воведат систем за верификација поврзан со вештачката интелигенција.
Трамп исто така порача дека „измамата со зелената енергија“ ќе ја уништи Европа: „Ако не се извлечете од оваа шега со обновливите извори, вашата земја ќе пропадне“.
Во говорот тој се осврна и на војните во Газа и Украина, обвинувајќи ги дел од земјите-членки на НАТО за купување руски енергенси и ветувајќи нова рунда „моќни тарифи“ доколку Русија не се согласи за прекин на огнот.