Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил распоредување на две нуклеарни подморници како одговор на „екстремно провокативните“ коментари на поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев.
„Врз основа на екстремно провокативните изјави дадени од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, наредив распоредување на две нуклеарни подморници во соодветните региони – за секој случај, овие неодговорни и провокативни зборови да не бидат само зборови“, напиша Трамп на својот профил на социјалните мрежи Truth.
Тој додаде дека „зборовите се важни и честопати имаат ненамерни последици“ и изрази надеж дека „ова нема да биде еден од тие случаи“.
Трамп не прецизираше дали подморниците биле нуклеарно вооружени или на нуклеарен погон, ниту пак прецизираше каде ќе бидат распоредени, информација што обично се чува во тајност од страна на американската војска.
До оваа постапка на Трамп дојде откако Дмитриј Медведев на социјалната мрежа „Х“ напиша:
„Трамп ја игра играта на ултиматум со Русија: 50 дена или 10… Тој треба да запомни две работи: 1. Русија не е Израел, па дури ни Иран. 2. Секој нов ултиматум е закана и чекор кон војна. Не меѓу Русија и Украина, туку со неговата сопствена земја. Не одете по патот на Поспаниот Џо, напиша Медведев на „X“.
На тоа Трамп изреагира: „Кажете му на Медведев, неуспешниот поранешен претседател на Русија, кој мисли дека е сè уште претседател, да внимава што зборува. Влегува во многу опасна територија“, а потоа следуваше и изјавата за распоредување на подморниците.