Трамп планира да ги казнува мигрантите по 998 долари дневно доколку не заминат по наредбата за депортација

Фото: Joe Brusky/Flickr

Администрацијата на Доналд Трамп планира драстични мерки против мигрантите со конечни налози за депортација — вклучително и парични казни до 998 долари дневно за оние што не ги напуштаат САД, како и конфискација на нивниот имот доколку не платат, објави Reuters врз основа на увид во интерни документи.

Казните се засноваат на закон од 1996 година, но се применуваат дури од 2018 година, а администрацијата на Трамп планира да ги применува и ретроактивно за период до пет години. Тоа би значело казни од над еден милион долари по лице, според еден висок официјален претставник.

Според документите, Белата куќа врши притисок врз Царината и граничната заштита (CBP) да ја спроведе политиката на казнување и заплена, а како алтернатива се разгледува вклучување и на Министерството за правда преку одделот за конфискација на имот. Од Министерството за внатрешна безбедност (DHS) велат дека лицата што се во САД без документи треба „да се самодепортираат“. „Ако не го сторат тоа, ќе се соочат со последици,“ изјави портпаролката Триша Меклафлин.

Казните се насочени кон околу 1,4 милиони мигранти кои веќе имаат конечна одлука за депортација од судија, а многумина од нив живеат во т.н. „мешани семејства“, каде што некои членови се американски државјани. Анализи покажуваат дека 26% од домаќинствата со недокументирани мигранти живеат под прагот на сиромаштијата, што значи дека новите мерки ќе ги погодат најранливите. Адвокатски групи и поранешни функционери, како Скот Шучарт од администрацијата на Бајден, предупредуваат дека целта не е имплементација на законот, туку „проекција на страв во заедниците“.

Претседателот Бајден ја укина оваа пракса по доаѓањето на власт во 2021 година, но администрацијата на Трамп сега сака повторно да ја активира. Сепак, постои административна неусогласеност: службени документи покажуваат дека CBP нема капацитет за ваква задача и би требало да се ангажираат над 1.000 нови правни асистенти. Почетниот датум за спроведување на казните засега не е познат, а од DHS немаат одговорено на прашањата за вклученоста на Стивен Милер, клучниот советник за политика во Белата куќа.

Зачлени се на нашиот е-билтен