Американскиот претседател Доналд Трамп го повика својот турски колега Реџеп Таип Ердоган да престане да купува руска нафта поради војната во Украина. Во исто време, тој навести дека би можел да ја укине забраната за продажба на американски борбени авиони Ф-35 на Анкара.
Ердоган беше во прва посета на Белата куќа од 2019 година, истата година кога Вашингтон ја исклучи Турција од програмата за борбени авиони Ф-35 поради купувањето на руски систем за воздушна одбрана.
Трамп рече дека ќе разговараат „многу сериозно“ за прекинување на расправијата околу високотехнолошкиот авион и дека е подготвен да ги укине санкциите врз Анкара поради руските ракети С-400 доколку состанокот помине добро.
Во исто време, американскиот претседател се фокусираше на клучното прашање – Украина. Турција одбива да се придружи на меѓународните санкции против Москва, па дури и ги зголеми купувањата на руска нафта, објави АФП.
„Би сакал тој да престане да купува нафта од Русија додека Русија продолжува со овој масакр“, рече Трамп на почетокот на двочасовниот состанок во Овалната соба.
Тој рече дека Ердоган е „многу почитуван“ и од Путин и од украинскиот претседател Володимир Зеленски и „може да има големо влијание ако сака. Тој е многу неутрален во моментов“.
„Најдоброто нешто што може да го направи е да не купува нафта и гас од Русија“, рече Трамп.
Турција е четвртиот најголем трговски партнер на Русија, според Европскиот институт Бројгел, кој минатата година пријави трговија од 52 милијарди долари, претежно фосилни горива и електроника.
Американскиот претседател, кој претходно оваа недела изјави дека сега верува дека Украина може да ја добие војната, ги повика западните сојузници да престанат да купуваат руска нафта и гас пред да воведат повеќе санкции врз Москва.