Американскиот претседател Доналд Трамп повторно влезе во директен конфликт со украинскиот претседател Володимир Зеленски, откако остро ја критикуваше неговата изјава дека Украина никогаш нема да ја признае руската окупација на Крим.
Трамп оцени дека таквите изјави се „запаливи“ и го загрозуваат процесот на постигнување мировен договор со Русија.
„Оваа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, додавајќи дека Крим е „изгубен уште пред многу години, во 2014 година“ и дека „в повеќе не е ни тема за расправа“.
Во изјава дадена во вторникот, Зеленски остана на цврстиот став дека Украина никогаш нема да ја признае руската анексија на Крим, нарекувајќи ја неуставна.
„За тоа нема што да се разговара. Тоа е спротивно на нашиот устав“, рече Зеленски.
Како одговор, Трамп постави прашање:
„Ако Зеленски го сака Крим, зошто не се бореа за него пред единаесет години, кога беше предаден на Русија без испукан куршум?“
Тој додаде дека целта на САД е да се стави крај на крвопролевањето во Украина и дека се „многу блиску до договор“ кој би можел да го заврши војниот конфликт, пренесе Ројтерс.
Американскиот предлог – замрзнување на фронтот и признавање на контролата на Русија?
Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс во средата исто така се закани дека САД би можеле целосно да се повлечат од преговорите ако Украина и Русија не го прифатат американскиот мировен предлог. Според него, се предлага замрзнување на постојните линии на фронтот и долгорочно дипломатско решение.
Дипломатски извори наведуваат дека предлогот предвидува признавање на руската контрола врз Крим, како и врз делови од украинската територија кои моментално се под руска окупација – што во пракса би значело легализација на промената на границите со сила.
Зеленски: „Не се откажуваме од територијалниот интегритет“
И покрај сè, украинското раководство останува на ставот дека не може да прифати никаква формална поделба на земјата или откажување од територијалниот интегритет. Зеленски, во објава на социјалната мрежа X, наведе дека разговорите во Лондон со американски и европски претставници биле „емотивни“, но и дека се надева на продолжување на заедничката работа за мир.
Тој потсети на изјавата на поранешниот државен секретар на САД, Мајк Помпео, од 2018 година, во која се истакнува дека САД ја отфрлаат анексијата на Крим и ветуваат дека нема да го признаат губењето на украинска територија.
Трампова администрација со нов курс
Новата администрација на Трамп, откако дојде на власт во јануари, значително ја смени досегашната американска политика кон Украина – намалувајќи го притисокот врз Москва и повикувајќи го Киев да прифати примирје.
Неговиот специјален изасланик за Украина, Кит Келог, изјави дека „е време да се тргне напред“ и дека е потребна реализација на Трамповата директива за прекин на војната.
Во меѓувреме, откажувањето на планираните средби со министрите за надворешни работи на Велика Британија, Франција, Германија и Украина, поради отсуството на државниот секретар Марко Рубио од самитот во Лондон, ги нагласува несогласувањата меѓу западните сојузници околу мировниот пристап.
Според информации од Вашингтон, Трамповиот изасланик Стив Виткоф планира нова средба со рускиот претседател Владимир Путин во петок – што ќе биде нивна четврта средба на оваа тема.
И покрај тензиите, во заедничката изјава на Велика Британија, Франција и Германија, дадена по лондонските разговори, се наведува дека сите учесници ја потврдиле поддршката за Трамповите напори за „запирање на убивањето и постигнување праведен и траен мир“, со напомена дека е постигнат „значаен напредок“ во приближувањето на ставовите.