Трамп предизвика пад на акциите и на доларот, но и пораст на цената на нафтата

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно ја размрда економската сцена, откако со навредливи зборови го нападна претседателот на Федералните резерви (ФЕД), Џером Пауел, со што ја доведе во прашање независноста на централната банка. Поради ова, берзанските индекси на Волстрит остро паднаа, а доларот ослабе на светските девизни пазари.

Ова не е првпат Трамп да го критикува Пауел – досега тоа го правеше со барања за намалување на каматните стапки, со цел поттикнување на економскиот раст. Но овојпат, критиките беа особено остри. „Американската економија ќе се забави ако ‘господин Прекасно’, голем губитник, веднаш не ги намали каматните стапки“, напиша Трамп на социјалните мрежи.

Загриженост за независноста на ФЕД

ФЕД веќе најави дека на 6 и 7 мај ќе одржи седница, при што се очекува да ја задржи референтната каматна стапка во рамките од 4,25% до 4,50%. Претседателот Пауел неодамна предупреди дека зголемените царини би можеле да предизвикаат повисока инфлација и забавување на економијата, и најави дека ќе се чекаат дополнителни индикатори пред евентуална промена на монетарната политика.

Меѓутоа, обидите на Трамп да влијае на централната банка предизвикаа сериозна загриженост. „Независните централни банки резултираат со побрз економски раст и пониска инфлација. Политичарите кои се обидуваат да влијаат врз ФЕД прават многу лош потег – тоа е навистина застрашувачко за пазарот“, изјави Џед Елербрук, портфолио менаџер во „Argent Capital Management“.

Трговска тензија со Кина

Дополнителна несигурност внесе и предупредувањето од Кина до другите држави – да не склучуваат трговски договори со САД на нејзин трошок. Ова се толкува како ново заострување на трговската војна меѓу двете најголеми светски економии, што ги засени и кварталните финансиски резултати на големите компании.

Во сите 11 сектори на индексот S&P 500 се забележа пад на вредноста на акциите – најмногу во потрошувачкиот и технолошкиот сектор. Исто така, на берзите во Азија тргувањето беше претпазливо, а доларот остана под притисок.

Пораст на цената на нафтата

За разлика од акциите и доларот, цената на нафтата порасна. На лондонскиот пазар барел нафта поскапе за 0,54% и достигна цена од 66,65 долари, додека на американскиот пазар се зголеми за 1,03% – на 63,75 долари за барел.

Зачлени се на нашиот е-билтен