Трамп пристигна во Европа: „Соберете се, ви се случува страшна инвазија, ќе исчезнете“

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера слета во Шкотска во рамки на четиридневна посета која главно е посветена на голф и неформални средби на високо ниво. Веднаш по пристигнувањето, тој го пофали британскиот премиер како „добар човек“, но и остро го критикуваше проблемот со илегалната миграција во Европа, нарекувајќи ја „страшна инвазија што го убива континентот“.

На аеродромот Прествик во Ершир се собра големо множество под засилени безбедносни мерки. Трамп изјави дека британскиот премиер е „малку по-либерален од него, но добар човек“ и дека склучениот трговски договор меѓу САД и Обединетото Кралство е „добар бизнис“ за Обединетото Кралство. Очекувањата се дека двајцата лидери ќе разговараат за можни измени на договорот кој стапи на сила минатиот месец.

Американскиот претседател упати жестоко предупредување до европските лидери:

„Соберете се, или повеќе нема да имате Европа. Мора да се организирате. Допуштате оваа страшна инвазија да им се случува на вашите земји и морате да ја запрете. Миграцијата ја убива Европа. Некои европски лидери не дозволија инвазија на своите земји и за тоа не добија доволно признание“, изјави Трамп.

Тој додаде дека во САД во изминатиот месец не влегол ниту еден илегален мигрант. Исто така, критикуваше и заштитата на животната средина преку поставување ветерници на континентот:

„Запрете ги ветерниците. Ги уништувате вашите земји. Тажно е да летате и да ги гледате тие ветерници насекаде како ги уништуваат вашите убави полиња и долини, а убиваат и птици“, рече Трамп.

По пристигнувањето, Трамп замина на својот голф терен Тарнбери во Шкотска, а во рамки на посетата ќе го отвори и вториот голф терен во Абардиншир. Тој со почит говореше за актерот Шон Конери, кој му помогнал во добивањето дозволи за изградба на овие терени.

За време на посетата, Трамп ќе се сретне и со шкотскиот премиер Џон Свини и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Американскиот претседател изјави дека постои „добра шанса, 50-50“ за договор со ЕУ, но дека се уште постојат околу 20 спорни точки.

Посетата на Трамп е неофицијална и главно поврзана со голф, но предизвика и протести во неколку шкотски градови. Според анкета на Ipsos, околу 70% од Шкотите имаат негативно мислење за Трамп. Протестната група „Стоп Трамп Шкотска“ најави демонстрации во Единбург, Абардин и Дамфрис.

Трошоците за безбедноста на посетата ќе бидат големи. Полицијата во Шкотска најави дека ќе ангажира значителни ресурси од различни полицииски единици, но не ги откри деталите за бројот на полицајци. Шкотскиот премиер изјави дека посетата нема да влијае негативно на работата на полицијата, додека главниот секретар на Шкотската полициcка федерација предупреди дека состојбата со капацитетите е сериозна и може да создаде проблеми.

Зачлени се на нашиот е-билтен