Во претходната изборна кампања, Доналд Трамп јавно се залагаше за издавање на автоматски дозволи за престој за странските студенти по завршувањето на нивните студии. Укажуваше дека многу талентирани млади луѓе ги напуштаат САД и ги основаат своите бизниси во Кина и Индија, наместо да останат и придонесуваат во американската економија.
Но, по враќањето во Белата куќа, реториката на Трамп драстично се промени. Наместо охрабрување, започна со рестрикции.
Агресивни мерки против странските студенти
Новата администрација започна серија остри потези што директно ја таргетираат академската заедница – која Трамп и неговите сојузници ја гледаат како идеолошки противник. Веќе се појавија првите знаци на намалување на интересот за студирање во САД, што може да резултира со губење на млади таленти.
Само за неколку дена, беше направен обид за блокирање на уписот на странски студенти на Универзитетот Харвард. Истовремено, државниот секретар Марко Рубио најави масовно укинување на студентските визи – особено за кинеските студенти, кои со години беа најбројни во САД. Индија неодамна ги престигна, но и индиските студенти не се поштедени.
Илјадници визи веќе се поништени, под изговор за учество во антивладини протести поврзани со офанзивата во Газа, но и за мали прекршоци – како сообраќајни казни.
Затворање на Америка кон светот
„САД со децении беа познати по својата отвореност за научноистражувачки проекти и високо образование, што ги привлекуваше најдобрите умови од целиот свет“, вели професорката Фиби Сенгерс од Универзитетот Корнел. „Ако сега ја затвориме вратата, овие студенти нема да исчезнат – тие ќе останат во своите земји или ќе заминат во Велика Британија, Канада, Австралија… и ќе создадат бизниси кои ќе конкурираат на американските.“
Универзитетите – „непријател на елитите“
Американските универзитети се меѓу најреномираните, но и најскапите во светот. Странските студенти кои плаќаат целосна школарина претставуваат клучен извор на приходи, заедно со државните научни фондови – кои исто така се намалуваат.
Официјално, мерките се оправдуваат со тврдењата дека Кина „краде американска технологија“, а Трамп инсистира на повеќе места за домашни студенти. Но, вистинската позадина е идеолошка – универзитетите се прикажуваат како бастиони на „либералните елити“, спротивставени на „народната власт“.
Потпретседателот Џеј Ди Венс уште во 2021 година изјави: „Универзитетите се непријател.“ Иако и самиот дипломирал на Јејл.
Губење на таленти и милијарди долари
Во 2023 година, странските студенти му донеле на американскиот образовен систем над 50 милијарди долари. Многу од најуспешните претприемачи во САД се токму поранешни странски студенти – вклучително и Илон Маск, кој е во блиски односи со Трамп.
Професорот Кришна Биста од Универзитетот Морган Стејт предупредува: „Ова не е само прашање на виза. Станува збор за чувство на сигурност, прифаќање и академска слобода.“
Во меѓувреме, други земји засилено работат на привлекување на млади таленти. Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг дури им понуди забрзан упис на студентите од Харвард, кои Трамп сака да ги протера.
И покрај тоа што САД сѐ уште се водечка дестинација за странски студенти, трендот на намалување на бројот е очигледен. Во академската 2023/24 година имаше рекордни 1,1 милион странски студенти, но тие сѐ уште сочинуваат помалку од 6% од вкупната студентска популација – во споредба со Велика Британија, каде што тој број надминува 25%.
„Дури и ако од утре сè се врати во нормала, штетата веќе е направена. Угледот на САД како отворено и гостопримливо општество е сериозно нарушен“, заклучува проф. Сенгерс.