Трамп се обидува да го пренасочи вниманието за неговата врска со Епштајн со обвинувања за Обама

Доналд Трамп, претседателот на САД и Тулси Габард, шефицата на националното разузнавање на САД, февруари 2025 г. | Фото: Канцеларија на директорот на Националното разузнавање на САД (Office of the Director of National Intelligence), јавен домејн, Викимедија комонс
Доналд Трамп, претседателот на САД и Тулси Габард, шефицата на националното разузнавање на САД, февруари 2025 г. | Фото: Канцеларија на директорот на Националното разузнавање на САД (Office of the Director of National Intelligence), јавен домејн, Викимедија комонс

Министерството за правда на САД во средата соопшти дека формира работна група за која ќе работи на тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека администрацијата на Барак Обама наводно наредила истрага против неговата изборна кампања во 2016 година со цел да го уништи, објави Њујорк тајмс.

Кусото и нејасно соопштение на веб-страницата на Министерството е нов чекор во кампањата за одмазда на Трамп, кој со овој потег се обидува да ја пренасочи политичката дебата од скандалот со документите поврзани со Џефри Епштајн кон нови обвинувања против поранешниот претседател Обама.

Неколку часа пред тоа, Тулси Габард, директорката на националното разузнавање, објави нов документ за кој тврди дека ја поткопува проценката на разузнавачките агенции од времето на Обама, според која Русија го поддржувала Трамп на претседателските избори во САД во 2016 година кога Трамп прв пат дојде на власт.

Габард изјави дека по изборната победа на Трамп, Обама наредил анализа на разузнавачките информации која, според неа, била под влијание на „невообичаени упатства“ од тогашниот претседател. Таа ја критикуваше проценката дека се темели на нејасни или непроверени извори.

Одговарајќи на новинарски прашања, Габард отиде и чекор понатаму, обвинувајќи дел од официјалните лица од администрацијата на Обама за „долгогодишен обид за државен удар и предавнички заговор“ против Трамп.

На прашањето дали смета дека Обама извршил кривично дело, Габард одговори дека доставила документи до Федералното биро за истраги (ФБИ).

„Доказите што ги најдовме и ги објавивме директно укажуваат дека претседателот Обама ја предводел фабрикацијата на таа разузнавачка проценка. Постојат повеќе докази и информации кои го потврдуваат тоа“, рече таа.

Документите објавени од Габард, и оваа недела и минатата, покажуваат дека администрацијата на Обама вршела притисок врз разузнавачките служби да го финализираат извештајот пред заминувањето од функцијата, но не содржат докази за кривични дејствија.

Документот што го објави во средата е извештај што првично го подготви Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом во 2017 година, во време кога комитетот беше под контрола на Републиканците. Извештајот ги оспоруваше заклучоците од декември 2016 година, според кои претседателот на Русија, Владимир Путин, го фаворизирал Трамп.

Во изработката на тој извештај учествуваа само републикански членови на комитетот, и тоа и во неговата првична форма во 2017 и подоцнежната ревизија во 2020 година.

Новите податоци даваат интересен увид во процесот на проценка на руските активности од страна на американските разузнавачки служби, како и во внатрешните дебати за извештајот. Но, тие не ја менуваат суштинската оценка дека Русија се мешала во изборите и дека Путин сакал да ѝ наштети на кандидатката на демократите, Хилари Клинтон.

Габард доби пофалби од Трамп за нејзините напори да ги разоткрие разузнавачките наоди и зборуваше подолго за тоа како извештајот од 2016 година бил дел од „лов на вештерки“ против него. Претседателот е под зголемена критика за ракувањето со документите поврзани со Џефри Епштајн, а нападите на администрацијата на Обама се дел од стратегијата за дефокусирање.

Извештајот е објавен со малку цензурирани делови, што предизвика критики од Демократите.

„Очајничкото и неодговорно објавување на партискиот извештај на Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом ги загрозува најчувствителните извори и методи што ги користи нашата разузнавачка заедница за шпионирање на Русија и за заштита на американските граѓани“, изјави сенаторот Марк Ворнер од Вирџинија, водечки Демократ во Комитетот за разузнавање.

Според службени лица запознаени со случајот, постоела и верзија на извештајот со повеќе цензурирани делови, која требало да ги заштити изворите, но Габард на социјалните мрежи напиша дека Трамп го декласифицирал документот.

Според истите извори, еден од клучните автори на објавениот извештај е Кеш Пател, кој сега е директор на ФБИ под водство на Трамп.

Извештајот на Претставничкиот дом заклучува дека повеќето од проценките на разузнавачките служби од 2016 година биле точни, но дека работата била избрзана што го потврдува и поновата анализа на ЦИА. Извештајот наведува дека проценката дека Путин го фаворизирал Трамп не ги следела „професионалните критериуми“ како во другите заклучоци.

Овие наоди се во спротивност со серијата двопартиски извештаи на Сенатот, изработени под раководство на сенаторот Марко Рубио, кој сега е државен секретар во администрацијата на Трамп. Комитетот за разузнавање ги потврди заклучоците на ЦИА и другите агенции за проценката од 2016 година.

Сенаторот Ворнер изјави дека истрагата на Сенатот опфатила милиони документи и 200 сведоци, заклучувајќи дека „Русија спровела голема кампања на влијание за да му помогне на тогашниот кандидат Трамп“.

Џон Дарам, специјален обвинител назначен од тогашниот државен обвинител Вилијам Бар во првиот мандат на Трамп, исто така не пронајде докази што ги поткопуваат заклучоците на разузнавачките служби.

Сепак, во извештајот на Претставничкиот дом се вели дека заклучокот за преференцата на Путин се базирал на еден единствен извор, кој бил пристрасен против руската влада.

Иако деталите за овој извор досега не биле објавени, јавноста дозна дека тој бил евакуиран во сојузната држава Вирџинија. Руски официјални лица го открија идентитетот и соопштија дека станува збор за помошник на висок руски функционер.

Извештајот од 2017 година тврди дека податоците од овој извор биле нецелосни и подложни на интерпретација, и дека една клучна информација била дека Путин наредил протекување на мејловите од Демократскиот национален комитет бидејќи сметал дека Клинтон имала подобри шанси да победи, а Трамп „на чија победа сметал, најверојатно не би успеал да постигне убедлива победа“.

Сепак, сегашни и поранешни американски функционери го отфрлаат ваквото толкување, истакнувајќи дека изворот бил добро позициониран и дека дал доверливи информации за намерите на Путин.

Иако деталите за спорниот извор се нови, ставот на Претставничкиот дом беше одамна познат. Но, целосниот извештај со деталите за работата на ЦИА во врска со проценката од 2016 година досега не беа објавени.

Габард, која се залага за прекин на политичката злоупотреба на разузнавачките информации, остро ги критикуваше политичарите што, според неа, користат селективни делови од податоците против своите противници.

И покрај тоа што ја претставува својата иницијатива како корекција на грешките од времето на Обама, нејзините критичари, меѓу кои и дел од нејзините сојузници, велат дека обидот да му помогне на Трамп е токму пример за политизацијата која Габард вели дека сака да ја искорени.

Преземено од Мета.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен