Американскиот претседател Доналд Трамп и честиташе на косовската претседателка Вјоса Османи за 17-годишнината од прогласувањето на независноста.
„Врските меѓу нашите народи се силни и со нетрпение очекуваме да ги прошириме, особено преку зголемените можности за инвестирање, за да донесеме поголем просперитет на нашите земји. САД ќе продолжат да работат со Косово за зајакнување на демократските институции и промовирање на економскиот раст преку стабилна и фер деловна средина“, се вели во честитката на Трамп.
Американскиот претседател ја истакна важноста од натамошната интеграција на Косово во евроатлантската заедница и позитивно ја оцени непоколебливата поддршка на Косово за Украина во услови на руска агресија. „Денот на независноста на Косово е време за размислување за досегашните достигнувања и за гледање кон уште посветла иднина“, напиша Трамп.
Честитка до Вјоса Османи испрати и британскиот крал Чарлс Трети, во кој го изразува своето задоволство од силните врски меѓу двете земји и уверувањето дека пријателството меѓу Обединетото Кралство и Косово ќе продолжи и зајакнува. „Мојата сопруга и јас ги упатуваме најтоплите честитки до народот на Република Косово по повод вашиот национален празник. Многу сум задоволен што нашите земји имаат толку силни врски и се надевам дека во иднина ќе ги продлабочуваме уште повеќе“, се вели во честитката што ја дистрибуираше Британската амбасада во Приштина.