Трамп влезе во сериозен судир со Европа: Кремљ го поздравува растечкиот раздор меѓу Западните сојузници

Додека пратениците на американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела во Москва безуспешно се обидуваа да најдат формула за можен мировен договор за Украина, Русија доби нова причина за задоволство: остар и сè подлабок јаз меѓу Вашингтон и европските сојузници.

Трамп повторно ја критикуваше Европа, нарекувајќи ги европските држави „слаби“ и „пропаднати“, што во Кремљ беше пречекано како подарок кој го поткопува западното единство, пишува CNN.

Во интервју за Politico, Трамп повторно ја нападна Европа поради нејзините миграциски политики, тврдејќи дека европските земји „се распаѓаат“ и дека Русија има „предност“ во војната во Украина. Тој изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски треба да „почне да прифаќа одредени работи“ доколку сака да дојде до крај на конфликтот.

„Кога губите, мора да се соочите со реалноста“, порача Трамп.

Овие изјави доаѓаат по објавувањето на новата американска стратегија за национална безбедност, која остро ги обвинува европските влади за „нереални очекувања“ од војната во Украина и за блокирање на мировниот процес.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц остро реагираше, истакнувајќи дека дел од стратегијата е „разбирлив“, дел „прифатлив“, но дека многу од ставовите „се неприфатливи од европска перспектива“.

Сепак, тоновите што доаѓаат од Вашингтон се покажаа како голема дипломатска победа за Москва. Формулациите на американската администрација, кои Европа ја прикажуваат како пречка за стабилноста, совршено се вклопуваат во руската пропагандна матрица.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го поздрави документот, нарекувајќи го „во целост усогласен со нашата визија“.

„Овој нов концепт ни се допаѓа, зборува за потребата од дијалог и подобри односи“, изјави Песков.

Кирил Дмитриев, еден од клучните посредници во руско-американските односи, на мрежата X ги поздрави критиките на Трамп кон Европа, иако самиот Кремљ со години систематски ги уништува демократските институции и медиумските слободи во Русија.

Според анализата на CNN, Русија ја гледа новата стратегија како шанса да ја продлабочи недовербата во НАТО и да ја ослабне поддршката за Украина.

Додека Зеленски оваа недела патува низ европските престолнини во обид да обезбеди продолжена помош, Москва ја засилува реториката.

Влијателниот руски политолог Сергеј Караганов, близок до Кремљ, изјави дека Русија е „во војна со Европа, а не со Украинците“, додавајќи дека конфликтот ќе трае „додека Европа не биде скршена морално и политички“.

И самиот Владимир Путин, непосредно пред состанокот со американските пратеници, испрати предупредувачка порака: Русија е „подготвена веднаш“ за војна со Европа, иако „не планира да ја започне“.

„Ако Европа реши да тргне во војна против нас, ние сме подготвени веднаш,“ изјави Путин, оставајќи впечаток дека Москва сака да внесе страв и несигурност во момент кога односите меѓу САД и Европа се разнишани до темел.

Западното единство под сериозен притисок

Европските лидери се обидуваат да ја одржат заедничката линија по украинското прашање, но новите пораки од Вашингтон ја усложнуваат ситуацијата. Кремљ, според аналитичарите, внимателно го следи влошувањето на трансатлантските односи и умешно го користи секој момент на несогласување.

Додека војната во Украина продолжува, а дипломатските напори се движат во круг, растечкиот судир меѓу Трамп и европските партнери станува фактор што може значително да ја обликува идната безбедносна архитектура на Европа а Русија, најмногу од сите, има причина да слави.

Зачлени се на нашиот е-билтен