Во текот на преговорите во Ријад, американската делегација вчера се сретна со украинските претставници, а денеска со руската страна.
Досега, разговорите беа фокусирани на прекин на огнот за обезбедување безбеден бродски сообраќај низ Црното Море. Сепак, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на маса се и други теми.
„Зборуваме за територија, линии за разграничување, електрани. Некои велат дека САД треба да ги поседуваат електраните, затоа што ја имаме таа експертиза“, изјави Трамп од Белата куќа.
Преговорите сега се насочени кон запирање на нападите врз енергетската инфраструктура, што би можело да води кон привремен прекин на огнот и евентуален мировен договор.
Трамп најави и скорешно потпишување на договор за поделба на приходите од украинските ретки минерали.
Вечерва во 20 часот по македонско време, Трамп ќе се сретне со гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри. Настанот ќе биде отворен за новинарите, а се очекува тој да зборува и за тековните разговори во Саудиска Арабија. Подоцна, Белата куќа организира церемонија по повод Денот на независноста на Грција.