Трговската тензија меѓу Соединетите Американски Држави и Кина добива нова димензија откако Белата куќа објави дека воведува царини до 245% на одредени кинески производи. Ова е досега највисоката тарифа потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп.
Со извршна наредба, администрацијата на Трамп започна истрага за потенцијалните безбедносни ризици поврзани со зависноста од увоз на преработени критични минерали и сродни индустриски производи од Кина. Целта, според Белата куќа, е да се намали технолошката и економската зависност од Пекинг, за која Вашингтон смета дека може да има сериозни импликации врз националната безбедност.
Кинеското Министерство за надворешни работи изрази незадоволство од потегот на САД. Портпаролот Лин Џијан, на редовен брифинг со новинарите во средата, изјави дека конкретните стапки треба да се побараат од американската страна, но нагласи дека Кина останува цврста во својата позиција.
„Тарифната војна беше иницирана од САД. Кина презеде неопходни контрамерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси, како и меѓународната правичност и правда. Тоа е разумен и легитимен одговор,“ изјави Лин, пренесува „Глобал Тајмс“.
Тој додаде дека „во вакви конфликти нема вистински победници“ и потенцираше дека Кина не сака трговски војни, но нема намера да се повлече пред притисоци.