Трамп: Зеленски е неблагодарен, а Европа ми оди на нерви

Американскиот претседател Доналд Трамп во ексклузивно интервју за Фокс њуз ги коментираше актуелните светски настани – за неуспешниот договор за минерали со Украина, неговиот пристап кон Русија, Хамас и Иран, како и опасноста од нуклеарното оружје.

„Знаете, тоа што го направи беше како да зема бонбони од бебе. Тој е паметен и жилав и под Бајден зеде пари од САД со неверојатна леснотија. И едноставно не мислам дека е благодарен. Според мене, ние му дадовме 350 милијарди долари, додека Европа стави 100 милијарди долари. Ние му дадовме 350 милијарди, а тој зборува за тоа како се бореле и како биле храбри – некој мораше да го даде тоа оружје. Не заборавајте, јас бев тој што му даде ракети ‘Јавелин’ кои можеа да срушат непријателски цели. Обама не му даде ништо“ рече Доналд Трамп за Зеленски.

„Видете, да бев претседател, ова никогаш немаше да се случи. Русија никогаш нема да влезе во Украина“ рече Трамп.

Американскиот претседател додаде дека доколку тој бил во Белата куќа немало да се случи ни нападот на Хамас на 7 октомври, бидејќи додека тој бил претседател Иран бил скршен.

„Немаа пари, не ги праќаа ниту на Хамас, ниту на Хезболах или на кој било друг. Немаше да ја имаш ни најлошата евакуација што некогаш била видена – тоа беше Авганистан, најсрамниот ден во историјата на нашата земја. А знаете што друго немаше да има? Немаше да има инфлација. За време на Бајден имавме рекордна инфлација, таа беше поразителна – една од причините зошто победив на изборите“, рече Трамп.

Трамп во интервјуто истакна дека верува оти Зеленски ќе се врати и ќе го потпише договорот за минералите, но се осврна и на односите помеѓу САД и Европа.

„Знаете, Европа исто така ми оди на нерви – повеќе пари им дадоа на Русија купувајќи нивна нафта, отколку што ѝ дадоа на Украина“ рече Трамп.

Зачлени се на нашиот е-билтен