Трамп удира врз филмската индустрија: Што ќе се случи ако филм се снима делумно во САД, а делумно во друга земја?


Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека му наложил на Министерството за трговија и трговскиот претставник на САД веднаш да започнат постапка за воведување на 100% царина за сите филмови кои пристигнуваат во САД, а се произведени во странство.

На социјалната мрежа Truth Social, Трамп го објасни предлогот, тврдејќи дека филмската индустрија во САД умира, делумно затоа што странски држави нудат подобри стимулации и услови. Дополнително, тој го обвини гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, за „пропаста“ на Холивуд.

„Холивуд се уништува. Сега има крајно неспособен гувернер кој дозволи тоа да се случи. Но, не ги обвинував само странските држави – многу земји ни ја украдоа филмската индустрија“, изјави Трамп.

Предлогот за нова царинска политика отвора бројни правни и практични дилеми – како би се применувала царината ако филмот се снима, продуцира или монтира делумно во САД, а делумно во странство? Нејасно е и дали претседателот воопшто има уставно овластување да воведува такви мерки самостојно, пренесува abc7.com.

„Не знаеме дали ваквата политика е добра или лоша – како и многу Трампови објави, и оваа е нејасна. На прв поглед, може да има сериозни негативни последици, особено за стриминг платформите кои увезуваат филмови, како и за продукциски куќи кои снимаат на локации како Унгарија, Франција, Германија и други земји низ светот“, изјави Доминик Пејтен, извршен уредник на филмскиот портал Deadline.

Додека судбината на царините останува неизвесна, законодавците во САД разгледуваат предлог на гувернерот Њусом за удвојување на даночните олеснувања за филмови и телевизиски продукции на 750 милиони долари, со цел Калифорнија повторно да стане конкурентна во однос на другите земји.

Уште во јануари, Трамп го нарече Холивуд „многу проблематично место“ и именуваше Џон Војт, Мел Гибсон и Силвестер Сталоне за „специјални амбасадори“ на Холивуд, со цел да ја поддржи домашната продукција.

Во март, претставници на американската индустрија за забава потсетија дека секторот вработува 2,3 милиона луѓе и исплаќа 229 милијарди долари годишно во плати, нагласувајќи дека тоа е „основата на американското демократско влијание“.

Повеќе од 400 холивудски ѕвезди, филмски работници и уметници тогаш потпишаа отворено писмо до Трамп со барање да ги заштити авторските права од злоупотреба преку вештачка интелигенција.

Зачлени се на нашиот е-билтен