Трговскиот дефицит на САД достигна рекордно ниво за повеќе од три децении

EPA

 Во март, трговскиот дефицит на САД достигна највисока вредност откако се водат службени евиденции, што претставува резултат на значителниот раст на увозот, додека извозот остана речиси непроменет.

Според најновите податоци од Министерството за трговија, увозот на стоки и услуги се зголемил за 4,4 проценти во однос на февруари, достигнувајќи 419 милијарди долари. Во исто време, извозот останал на слично ниво – 278,5 милијарди долари.

Како последица, трговскиот дефицит во март изнесувал 140,5 милијарди долари, што е за 14 проценти повеќе во споредба со претходниот месец и претставува највисоко месечно ниво од 1992 година, кога започна редовното објавување на овие податоци.

Специфично, дефицитот во размената на стоки пораснал за 11,2 проценти, достигнувајќи 163,5 милијарди долари – исто така рекордно ниво. Увозот на стоки се искачил за 5,4 проценти, на 346,8 милијарди долари, додека извозот на стоки е зголемен за 0,7 проценти, на 182,3 милијарди долари.

САД најголем трговски суфицит забележале со Холандија – 4,5 милијарди долари, додека најизразениот дефицит бил во трговијата со Европската Унија, со вредност од 48,3 милијарди долари. Следат Кина со 24,8 милијарди и Мексико со 16,8 милијарди долари.

Во првиот квартал од 2025 година, трговскиот дефицит речиси се удвоил во споредба со истиот период лани. Извозот е зголемен за 5,1 процент, а увозот – за високи 23,3 проценти.

САД во почетокот на април воведоа 10-процентни царини на увозот од повеќе земји, а се разгледуваат и дополнителни „реципрочни“ царински мерки кон партнерите со кои САД континуирано имаат трговски минус. Претседателот Доналд Трамп одлучи привремено да ги одложи новите тарифи за 90 дена, оставајќи простор за преговори.

Зачлени се на нашиот е-билтен