Најмалку четири лица – меѓу кои тројца малолетници – загинаа, а уште единаесет се повредени во масовна пукање што се случила на семејна прослава во градот Стоктон, Калифорнија. Според локалните власти, загинатите биле на возраст од 8, 9, 14 и 21 година, пренесува Би-би-си.
Полицијата смета дека се работи за целен напад
Осомничениот сè уште е во бегство, а првичните процени укажуваат дека нападот, што се случил вчера пред 18 часот по локално време во еден ресторан, можеби бил насочен кон конкретна мета. Шерифската канцеларија на округот Сан Јоакин ги повика сите кои располагаат со снимки, информации или сведоштва да ѝ се обратат на полицијата.
Портпаролката Хитер Брент го опиша инцидентот како „незамислив“, додавајќи дека истрагата е во тек и дека моментално има ограничени детали. „Раните показатели сугерираат дека нападот можел да биде целен, но сите можности се испитуваат“, изјави таа.
„Роденденска забава не смее да биде сцена на страв“
Иако полицијата официјално не потврди за каков настан станувало збор, заменик-градоначалникот Џејсон Ли претходно изјави дека престрелката се случила на „детска роденденска забава“.
„Роденденска прослава никогаш не смее да стане место каде што семејствата се плашат за своите животи“, напиша Ли на социјалните мрежи.
Градоначалничката на Стоктон, Кристина Фугаци, инцидентот го нарече „недозволив“. „Семејствата треба да бидат заедно дома, а не во болница, молејќи се нивните најблиски да преживеат“, порача таа.
Строгите закони за оружје повторно под лупа
Калифорнија е една од државите со најстроги регулативи за огнено оружје во САД, но законите таму последните години се соочуваат со сериозни правни предизвици. Во 2021 година, федерален судија ја поништи државната забрана за јуришно оружје како AR-15. Веќе следната година, Врховниот суд на САД го прошири правото на носење оружје укинувајќи сличен закон во Њујорк, што дополнително ги доведе под прашање и пропишаните ограничувања во Калифорнија.
Нападот во Стоктон повторно ја отвора дебатата за безбедноста на граѓаните, ефективноста на законите и постојаната закана од оружено насилство во САД.