Три жртви и девет повредени во напад во Тајпеј, напаѓачот загинал по бегството

Три лица загинаа, а девет се повредени во сериозен инцидент во тајванската престолнина Тајпеј, откако маж со нож и димна бомба нападнал група луѓе, по што се обидел да избега и загинал при пад од зграда, соопштија локалните власти.

Полицијата информираше дека осомничениот, 27-годишниот Чанг Вен, починал во болница откако скокнал од шестиот кат на објект, објави Тајванската централна новинска агенција.

Според официјалните информации, напаѓачот најпрво фрлил димна бомба во близина на излез од подземна метро-станица во Тајпеј, предизвикувајќи паника меѓу пешаците. Во хаосот што следел, тој влегол во трговски центар, каде со нож нападнал повеќе лица.

Од локалните болници соопштија дека три лица им подлегнале на повредите, додека уште деветмина се задржани на лекување.

Полицијата наведе дека Чанг бил веќе евидентиран кај надлежните служби поради прекршување на законот за задолжително служење воена служба, откако не се одзвал на повикот за регрутација во ноември минатата година.

Зачлени се на нашиот е-билтен