Тринаесетгодишно британско момче починало откако било нападнато во својот дом во Португалија, а полицијата случајот го опиша како семејно насилство. Осомничениот, кој исто така починал, бил поранешен партнер на мајката на детето, објави The Guardian.
Инцидентот се случил во селото Казаиш, во општината Томар, на околу 145 километри североисточно од главниот град Лисабон. Според информациите од полицијата, припадници на Национална републиканска гарда (GNR) интервенирале по пријава за можна ситуација на семејно насилство.
Мајката на момчето била пронајдена во состојба што укажувала дека била нападната и врзана, по што била пренесена во најблиската болница. И детето и осомничениот имале повеќекратни повреди, а и покрај тоа што првично биле забележани знаци на живот, смртта била констатирана на местото на настанот кратко потоа.
Во соопштението на полицијата се наведува и дека во куќата бил почувствуван силен мирис на гас, по што настанала експлозија во која бил повреден еден припадник на GNR.
Медиумите пренесуваат дека осомничениот претходно издржал затворска казна за тешко убиство, а семејството било евидентирано кај надлежните служби поради пријави за семејно насилство во 2022 и 2023 година.
Од Британско Министерство за надворешни работи соопштија дека се во контакт со локалните власти во Португалија и дека се подготвени да обезбедат конзуларна помош по инцидентот.