Кои земји се партнери од доверба за Германија? Како граѓаните го оценуваат канцеларот Фридрих Мерц? Одговори на овие и други прашања, нуди најновото истражување на јавното мислење во Германија- Дојчландтренд, пишува Дојче веле.
Како човек да се подготви за средба со американскиот претседател Доналд Трамп? Ова прашање изгледа мора да си го постави секој шеф на држава и влада, откако Трамп во Овалната соба јавно ги понижи украинскиот претседател Володимир Зеленски и претседателот на Јужна Африка, Сирил Рамафоса.
Канцеларот Фридрих Мерц (ЦДУ) не апсолвирал никаква обука за снаодливост пред да го посети Трамп, потенцира владиниот портпарол Штефан Корнелиус. Канцеларот во Вашингтон заминува самоуверено, делумно и затоа што Германија како трета најголема економија во светот, има што да понуди.
Многу повеќе средства за одбраната
Фридрих Мерц меѓу другото планира Бундесверот да го направи „најсилната конвенционална армија во Европа“. Тоа му се допаѓа на американскиот претседател, исто како и најавата дека сите земји-членки на НАТО во иднина ќе мора да инвестираат пет проценти од БДП за одбраната. Но, ако се прашаат германските граѓани, само половина од нив сметаат дека ова е одмерено и соодветно. За една третина од граѓаните прагот од пет проценти оди предалеку. Тоа го покажува актуелното истражување на јавното мислење Дојчландтренд спроведено на почетокот на јуни од Инфратест димап со репрезентативни 1.292 граѓани со право на глас.
Анкетерите прашувале и за очекувањата на германските граѓани во однос на средбата меѓу Трамп и Мерц во Белата куќа. Само кнап секој втор верува дека германскиот канцелар ќе воспостави добар однос со американскиот претседател Трамп. Половина од анкетираните сметаат дека на Мерц за новата функција му недостасуваат дипломатски вештини за справување со предизвиците во надворешната политика.
На кои земји може Германија да им верува?
Блиски релации со САД и со Израел се подразбираат во германската политика. Но, истовремено дистанцата очигледно е зголемена – и од гледна точка на граѓаните со право на глас. Франција и Украина во моментов се сметаат за многу подоверливи партнери.
84 проценти од Германците сметаат дека на Русија веќе не може да ѝ се верува. 73 проценти го велат истото за САД. И Израел слабо проаѓа кај јасното мнозинство од испитаниците. Само уште 16 проценти, односно единаесет проценти помалку отколку во октомври 2024та година, мислат дека Израел и натаму е партнер на кој Германија може да се потпре.
Јасна критика за Израел
Воената реакција на Израел на нападите од страна на терористичката организација Хамас есента 2023та година, остава траги. 63 проценти од германските граѓани го сметаат постапувањето на Израел во Газа за прекумерно, додека само 18 проценти за одмерено. 77 проценти од испитаниците сметаат дека е исправно што канцеларот Мерц го критикува Израел за тековното постапување во Газа. Само еден од осум лица смета дека во блискоисточниот конфликт Германија треба безусловно да застане на страната на Израел. Истовремено половината од анкетираните во моментов имаат тешкотии да афирмираат посебна обврска на Германија за заштита на Израел.
Речиси ист број германски граѓани сега го обвинуваат Израел подеднакво како и исламистичката Хамас за состојбата на палестинското цивилно население во Газа. Соодветно на тоа, мнозинството се отворени за преиспитување на германската воена помош. Па така, четири од десет испитаници се изјаснуваат за ограничување на испораките на оружје за Израел, а 30 проценти се за целосно запирање.
Германија меѓу октомври 2023 и мај 2025 година има одобреноизвоз на оружје во вредност од речиси половина милијарда евра, гласи одговорот на германската влада на пратеничко прашање од пратеничката група на Левица. Испораките меѓу другото вклучувале огнено оружје, муниција, делови за оружје, специјална опрема за армијата и морнарицата, електронска опрема и специјални оклопни возила.
Фридрих Мерц со поголем углед
Новата сојузна влада на ЦДУ/ЦСУ и СПД од мај е на власт. 40 проценти од анкетираните се задоволни од првите недели на коалициската влада на црвено-црната коалиција. Т.н. семафор коалиција на своите почетоци во 2022 година уживаше нешто поголема поддршка со 46 проценти.
Колку доверба имаат Германците во новата влада? Содржински наводите не се разликуваат многу од она што анкетарите го открија веднаш по предвремените сојузни избори. Половина од граѓаните сметаат дека новиот состав на владата може да ја зајакне германската економија (55 проценти; +1) и дека подобро ќе ги брани германските интереси во светот (52 проценти; +1). Поголема и малку зголемена е скепсата во однос на создавање безбедни услови во Германија (43 проценти; -4), како и во однос на ефикасното управување со миграцијата (38 проценти; -4). Поголеми се и сомнежите дали црвено-црната коалиција може да гарантира социјална сигурност во Германија (37 проценти; -6).
Унијата ја зголемува предноста во однос на АфД
Фридрих Мерц од преземањето на функцијата бележи значителен пораст на симпатиите. 39 проценти се задоволни со неговата работа, што е 14 проценти повеќе отколку во април. Вицеканцеларот и министер за финансии Ларс Клингбајл од СПД исто така има ужива поддршка од 39 проценти. За речиси сите врвни германски политичари важи дека мнозинството Германци се незадоволни од нивната работа. Единствен исклучок е сојузниот министер за одбрана Борис Писториус од СПД, кого го поддржуваат 61 проценти од гласачите.
Дали зголемената популарност на канцеларот Фридрих Мерц се крие зад 29те проценти (+2 во однос на февруари) кои според Трендот во Германија би ги добиле ЦДУ-ЦСУ доколку следната недела би се одржувале избори. Коалицискиот партнер СПД би изгубила мал дел од гласовите и би дошла на 15 проценти (-1).
Во делови десно-екстремната АфД би имала непроменети 23 проценти (+/-0) поддршка. Зелените и Левицата би можеле да сметаат на 12 проценти (+1) и 9 проценти (-1). Сите останати партии не би имале шанса за влез во Бундестагот, вклучувајќи ја Алијансата Сара Вагенкнехт и Либералите, со непроменети 4 проценти.