Тројца загинати, петмина повредени во руските напади врз Сумската област

Три лица загинаа, а петмина се повредени во руските напади врз украинскиот Сумски регион, соопшти ДПА, повикувајќи се на Телеграм-објава од началникот на воената администрација на Суми, Олег Григоров. Нападот бил изведен со ракети и дронови.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека руските сили користеле 40 дронови за нападите, од кои 33 биле уништени, а шест погодиле три различни локации.

Од руска страна, гувернерот на Белгородскиот регион, Вјачеслав Гладков, соопшти дека една жена загинала во пограничната област по напад со украински дронови, додека некои руски Телеграм-канали наведуваат дека дел од системот Панцир-С1 паднал врз неа.

Претходно, Министерството за одбрана на Русија објави дека 221 украински дрон бил пресретнат во над 13 руски региони. Гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко, исто така соопшти дека биле соборени повеќе од 30 дронови, а избувналите пожари на брод и пумпна станица во пристанишниот град Приморск се изгаснати без ризик од излевање нафта.

Зачлени се на нашиот е-билтен