Тројца загинати, стотици погодени од топлотниот бран во Јапонија

Јапонија е зафатена од силен топлотен бран кој започна од почетокот на оваа недела, а локалните власти соопштија дека досега се пријавени најмалку три смртни случаи и стотици случаи на лица кои побарале медицинска помош поради екстремните температури.

Во 14 јапонски градови се измерени рекордни температури за месец јуни. Во центарот на Токио температурата се искачи на 34,4 степени Целзиусови, објави Јапонската метеоролошка агенција (JMA).

Најмалку три лица починале како директна последица на високите температури во различни делови од земјата, а над 220 лица побарале медицинска помош. Само во Токио денеска биле пријавени 57 случаи на итни интервенции поради топлотен удар, што е значително намалување во споредба со вчерашниот број од 169.

Властите издадоа предупредувања за топлотен ризик и ги повикуваат граѓаните – особено постарите лица – да остануваат во затворени, климатизирани простории и да внесуваат доволно течности.

Жителите на Токио и други градови веќе почнаа да се приспособуваат на жештината, носејќи шалови со ладење и чадори кои ги користат како заштита од сонцето.

Јапонските власти редовно апелираат на претпазливост за време на летните месеци. Статистиката покажува дека постарите лица се особено ранливи: тие сочинуваат повеќе од 80 проценти од смртните случаи поврзани со топлината во последните пет години.

Минатото лето беше најжешко во историјата на Јапонија, а земјата годинава повторно се соочува со високи температури уште во раната летна сезона.

Дополнителна грижа претставува и зголемениот број на туристи – во мај, земјата забележа пораст од 21 процент во однос на истиот период минатата година – кои, исто така, се соочуваат со ризикот од топлотен удар и бараат засолниште од жештината.

Зачлени се на нашиот е-билтен