Тулси Габард, актуелна директорка на Националната разузнавачка служба (DNI) и блиска соработничка на американскиот претседател Доналд Трамп, јавно призна дека верува во постоење на вонземјански живот. Во интервју за подкастот „Pod Force One“ на новинарката Миранда Девајн, Габард порача дека личното убедување го темели врз „сопствени ставови и сознанија“, но оти поради природата на функцијата мора да биде исклучително внимателна со тоа што го споделува.
„Имам пристап до обемна класифицирана база на податоци. Во оваа улога морам да внимавам што ќе обелоденам,“ изјави Габард, притоа потврдувајќи со едноставно „да“ дека лично верува во постоење на вонземски интелигенции и неидентификувани воздушни феномени (UAP).
Темата за НЛО – денес официјално именувани како UAP – со децении е опкружена со теории на заговор, а неколку конгресни комисии во моментов истражуваат колку навистина знае федералната влада. Лани, Пододборот на Претставничкиот дом за национална безбедност и надворешни работи одржа серија јавно пренесувани сослушувања, барајќи повеќе транспарентност од Пентагон.
Габард нагласи дека нејзиниот кабинет засега не располага со информации за UAP што се подготвени за јавно објавување, но вети „целосна транспарентност“ кога условите ќе го дозволат тоа. Таа управува со координацијата на 18 американски разузнавачки агенции, чии архиви и извештаи во последно време се во фокусот на јавноста, паралелно со растечкиот интерес на Американците за можноста за живот надвор од Земјата.
Директорката на DNI се осврна и на мистериозните дронови регистрирани минатата година над Њу Џерси и други делови од земјата. „Официјалната верзија постои, но постојат и бројни нејаснотии,“ рече таа, додавајќи дека истрагата продолжува.
Габард заклучи дека разузнавачката заедница „и натаму ја бара вистината“ за секој необјаснет објект во американскиот воздушен простор и оти јавноста ќе ја добие целосната слика штом таа биде безбедна за објавување.