Туск: Полска ќе ги соборува руските воени авиони ако навлезат во нејзиниот воздушен простор

Фото: Nikolay Doychinov (EU2018BG)

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска без двоумење ќе донесе одлука за соборување на руски воени авиони ако тие неовластено влезат во нејзиниот воздушен простор.

„Сакам многу јасно да кажам: Без дискусија ќе донесуваме одлуки да соборуваме. Тука нема простор за расправа,“ изјави Туск пред новинарите во Шераковице, Померанско војводство.

Сепак, Туск предупреди дека во нејасни ситуации мора внимателно да се постапува, наведувајќи пример од минатата недела кога два руски авиони МиГ летаа ниско над полската нафтена платформа Петробалтик во Балтичкото Море. Иако го нарушиле забранетиот воздушен простор над платформата, не влегле во официјалниот воздушен простор на Полска.

„Во вакви случаи мора да се консултираме со нашите сојузници. Полска мора да биде 100% сигурна дека и нашите партнери имаат ист став – да не останеме сами ако конфликтот ескалира,“ додаде Туск.

Тој исто така истакна дека и понатаму се трага по остатоци од руските дронови кои во ноќта на 10 септември навлегле длабоко во полскиот воздушен простор. Досега, според него, не е утврдено колку дронови имало, но пронајдените биле невооружени и не претставувале директна закана.

Зачлени се на нашиот е-билтен