Полскиот премиер Доналд Туск по телефонскиот разговор со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека забележува сигнали и неговата интуиција му кажува дека се приближува замрзнување на конфликтот во Украина, но не и негов крај.
„Пред неколку дена реков дека гледам сигнали, а интуицијата ми вели дека замрзнувањето на конфликтот е поблиску отколку подалеку. Не сакам да кажам дека е крај на војната, туку замрзнување на конфликтот. Денес истекува ултиматумот. Претседателот Зеленски е многу внимателен, но сепак оптимистичен“, рече Туск на посетата на балтичкото пристаниште Леба.
Премиерот на Полска го пренесе впечатокот дека Украина силно се залага Европа и Полска да учествуваат во преговорите за примирје, а подоцна и за мир.
Туск денес повторно ја обвини Русија дека веќе подолго време со нарушување на GPS сигналите се обидува да создаде хаос во воздушниот сообраќај над Балтичкото Море, не само во воениот, туку и во цивилниот сектор. Исто така, тој посочи дека овие нарушувања го отежнуваат и изградбата на голем ветерен парк што Полска го гради на Балтикот, кој денес го посети.
„Пилотите од Шведска, Полска и Естонија се жалат на нарушувањата. Дури се попречува и оваа инвестиција, а точноста е од исклучително значење за изградбата. Затоа, Полска ги координира напорите со балтичките земји за да го направи Балтик безбеден. Вклучуваме и НАТО и нашите балтички партнери“, изјави Туск.