Планот на претседателот Доналд Трамп да го присвои Гренланд предизвика жестока дебата помеѓу Данците и Американците на Твитер. Сè започна со објава на дански аналитичар, кој неочекувано го поддржа предлогот, нарекувајќи го „добра зделка“ за Данска.
Аналитичарот аргументираше дека САД, како важен сојузник, би можеле подобро да ги искористат ресурсите на Гренланд, додека Данска би се ослободила од финансиските обврски кон островот. Тој предложи на 56.000 жители на Гренланд да им се исплатат по 100.000 долари, што, според него, би ги мотивирало да се согласат со зделката.
Но, оваа објава предизвика остри реакции. Поддржувачите на идејата истакнаа дека продажбата на Гренланд би донела финансиска корист за Данска, додека нејзините граѓани би можеле да добијат американски пасоши и нови деловни можности. Некои сугерираа дека Данска нема капацитет да ги искористи огромните резерви на метали и нафта на Гренланд, па продажбата на САД има повеќе смисла.
Од друга страна, противниците остро ја критикуваа идејата, оценувајќи ја како апсурдна и неприфатлива. „Никој не го продава своето население против нивна волја!“ – напиша еден корисник, додавајќи дека Данска има доволно капацитети за експлоатација на ресурсите, а во случај на потреба, Норвешка би помогнала.
Некои коментари беа полни со сарказам:
„Секоја земја ѝ припаѓа на Америка. Тоа е суштината на MAGA, нели?“
„Можеби Данска треба да го преземе водството над Америка – имаат подобро здравство, образование и помал криминал.“
Дебатата кулминираше со дискусии за улогата на Данска во НАТО и американскиот придонес за глобалната безбедност. И покрај размената на мислења, идејата за продажба на Гренланд останува нереална и контроверзна.