Уапсен потенцијален напаѓач на американскиот универзитет, пронајдени чаури од куршуми

Полицијата во Провиденс приведе „лице од интерес“ во врска со пукањето на Универзитетот Браун, во кое беа убиени двајца студенти, а уште девет лица се повредени, од кои седум се во критична состојба.

Портпаролката за јавна безбедност на градот Провиденс, Кристи ДосРеис, изјави за Ројтерс дека „лицето од интерес“ се наоѓа во притвор по пукањето на универзитетот во овој град во сојузната држава Род Ајленд.

Во тек е истрага

Повеќе од 400 полицајци беа испратени во саботата во потрага по осомничениот, кој со огнено оружје влегол во зграда каде што студентите полагале испити.

Агенти на ФБИ и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви соработуваат во истрагата заедно со локалната и државната полиција.

Пристапот до делови од кампусот во неделата беше ограничен, а полицијата и понатаму е присутна на местото на настанот. Надлежните објавија видео-снимка од осомничениот, најверојатно маж во триесеттите години, облечен во црно.

Седум лица во критична состојба

Заменик-началникот на полицијата во Провиденс, Тимоти О’Хара, изјави во саботата дека осомничениот можеби носел маска, но дека тоа не е сигурно. Истражителите на местото на настанот пронашле чаури од куршуми, но полицијата засега не е подготвена да објави дополнителни детали.

Напаѓачот побегнал по пукањето. Претседателката на универзитетот, Кристина Паксон, им изјави на новинарите дека сите или речиси сите жртви се студенти.

„Ова е ден за кој се надевате дека никогаш нема да се случи, а сепак се случи“, изјави таа. Според податоците на универзитетот, седум од деветтемина повредени се во критична состојба.

Зачлени се на нашиот е-билтен