Убиството на Американци во Сирија ќе биде голем безбедносен предизвик за новата власт

Убиството на тројца Американци во централна Сирија, извршено во саботата од напаѓач за кој американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека е поврзан со Исламската држава (ИСИС), ги оголи сериозните безбедносни предизвици и нестабилната состојба со кои се соочува новиот сириски лидер Ахмед ал-Шараа, објави The New York Times.

Откако пред една година го собори долгогодишниот диктатор Башар ал-Асад, ал-Шараа се соочува со сложената задача да воспостави контрола врз длабоко поделена држава. Неговата влада се обидува да изгради единствена национална армија, но континуираното насилство, во кое учествуваат и владини сили однесе стотици животи и го забавува секој позначаен напредок кон национално помирување.

Дополнителен предизвик се и растечките тензии со курдските милиции, кои го контролираат североистокот на земјата и ги комплицираат напорите на владата за нивна интеграција во новата политичка и воена структура на Сирија. Ал-Шараа, исто така, внимателно балансира во односите со претседателот Трамп, кој јавно му изрази поддршка, во време кога сè погласни се прашањата за иднината на американските сили во земјата.

Американските војници со години се присутни во Сирија со цел борба против ИСИС, ограничување на иранското влијание и обезбедување стратешки важни подрачја, вклучително и нафтени полиња. Над сите овие предизвици, сепак, постојано виси заканата од тероризам.

Нападот дополнително ја комплицира ситуацијата

Во изминатата година, ИСИС ги користеше безбедносните празнини за напади врз цивили и сили лојални на ал-Шараа. Кулминацијата се случи во саботата, кога во вооружен напад беа убиени двајца американски војници и еден цивилен преведувач, кои учествувале во противтерористички операции.

Во нападот во Палмира, град во централна Сирија, беа ранети уште тројца американски војници и двајца припадници на сириските безбедносни сили, потврдија американски претставници и сириските државни медиуми. ИСИС сè уште официјално не ја презеде одговорноста за нападот, кој претставува прво убиство на Американци во Сирија по соборувањето на Асад.

Ниту сириската влада не соопшти детали за сторителите, иако Трамп јавно ја посочи Исламската држава. Од Дамаск беше наведено само дека американските партнери биле предупредени за можни напади на ИСИС врз нивните сили.

Аналитичарите оценуваат дека нападот претставува сериозен удар за владата на Ахмед ал-Шараа и дополнително ги усложнува неговите напори за воспоставување траен мир во земја која сè уште се опоравува од децениска авторитарна власт и разорна граѓанска војна.

„Ова е исклучително тежок момент за претседателот“, изјави Басам Барабанди, политички аналитичар од Дамаск. Според него, ал-Шараа „нема луксуз на избор мора да ја стабилизира Сирија, да ја обнови и да ја направи место каде што ниту една терористичка организација нема да има присуство“.

Од бараан терорист до сојузник на САД

Ал-Шараа дојде на власт минатиот декември, по брза офанзива на неговите сили низ Сирија, со која беше срушена петдецениската власт на семејството ал-Асад. Тој е поранешен лидер на сирискиот огранок на Ал Каеда, кој некогаш бил затворен од американските сили во Ирак, а за неговото апсење беше распишана награда од 10 милиони долари.

Во 2016 година ги прекина врските со Ал Каеда и ја ребрендираше својата група во поумерена формација, а САД минатиот декември ја повлекоа наградата за негово апсење. Откако стана претседател, привлече значително меѓународно внимание се сретна со Трамп во Белата куќа, одржа говор во Обединетите нации и доби поддршка од неколку соседни арапски држави. Минатиот месец, неговата влада се приклучи и на глобалната коалиција против ИСИС предводена од САД.

Ќе го забрза ли нападот повлекувањето на САД?

Аналитичарите предупредуваат дека нападот повторно ја става под лупа американската воена улога во Сирија и ќе биде тест за односите меѓу ал-Шараа и Трамп, како и со пошироката меѓународна коалиција. Колин П. Кларк, аналитичар за борба против тероризмот во „Суфан груп“, смета дека нападот би можел да го поттикне Трамп да го забрза повлекувањето на американските трупи.

Во моментов, САД имаат околу 1.000 војници распоредени во североисточна Сирија и во базата ал-Танф на југоистокот на земјата приближно половина од бројот што беше присутен кога Трамп ја презеде функцијата. „Тоа е токму она што ИСИС сака да го постигне брзо повлекување на САД, кое на групата би ѝ оставило повеќе простор за маневрирање“, предупредува Кларк.

Зачлени се на нашиот е-билтен