Продолжуваат мировните преговори меѓу Русија и Украина. Украинските преговарачи денеска во Истанбул ќе ѝ презентираат на руската страна предложен план за постигнување траен мировен договор, јавува Ројтерс, во рамките на на втора рунда преговори за прекин на огнот.
Предложениот план започнува со целосен прекин на огнот од најмалку 30 дена, по што ќе следи враќање на сите затвореници што ги држи секоја страна и на украинските деца однесени на територија под руска контрола, а потоа средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот лидер Владимир Путин.
Според планот, Москва и Киев, со учество на САД и Европа, ќе работат на усогласување на условите под кои можат да се согласат за целосно завршување на нивната тригодишна војна, најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Украинските власти изјавија претходно оваа недела дека го испратиле планот до руската страна пред преговорите во Истанбул.
Рамковните украински услови за мировен договор, како што се наведени во документот, се во голема мера исти како условите што претходно ги предложи Киев. Тие вклучуваат никакви ограничувања на воената сила на Украина по постигнувањето мировен договор, никакво меѓународно признавање на рускиот суверенитет над делови од Украина што ги зазедоа силите на Москва и репарации за Украина. Во документот, исто така, се наведува дека сегашната локација на фронтовската линија ќе биде почетна точка за преговори за територијата.
Овие услови значително се разликуваат од барањата што Русија јавно ги изнесе во изминатите неколку недели.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Москва и Киев да работат заедно на договор за прекин на нивната војна, а Русија предложи втора рунда разговори лице в лице со украинските претставници следната недела во Истанбул.
Киев претходно оваа недела изјави дека е посветен на потрагата по мир, но дека чека меморандум од руската страна во кој ќе бидат наведени нивните предлози, што не е материјализирано. Сепак, Зеленски во неделата изјави дека ќе испрати делегација од неговите претставници да се сретнат со нивните руски колеги во Истанбул.