Украина првпат доби течен природен гас од САД преку терминал во Грција, што претставува стратешки чекор, објави шефот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак, пренесоа денеска украинските медиуми.
„Ова не е само испорака на гас, ова е стратешки чекор. И покрај обидите на Русија да го уништи нашиот енергетски систем за време на војната, постигнавме уште една победа на енергетскиот фронт“, напиша Јермак на каналот Телеграм.
Како што додаде тој, украинската енергетска компанија ДТЕК доби гас преку грчкиот терминал, што покажа високо ниво на меѓународна соработка, објави Укринформ.
Според Јермак, договорот за испорака на течен гас е постигнат со американската компанија Venture Global до 2026 година и претставува стабилност и безбедност во иднина за милиони Украинци.
Украинскиот функционер нагласи дека неговата земја успешно се интегрира на глобалниот енергетски пазар, истовремено заблагодарувајќи им се на меѓународните партнери за поддршката и довербата.
„Заедно го ослободуваме глобалниот енергетски систем од руската уцена“, рече Јермак.
Санкциите на ЕУ за рускиот течен гас стапија на сила на 20 декември, потсети Укринформ.