Украина тврди дека погодила фабрика за боеви глави близу Москва

Украинските вооружени сили потврдија дека извршиле напад врз хемиска фабрика во градот Краснозаводск, 88 километри североисточно од Москва, која, според Киев, се користи за производство на муниција, експлозиви и термобарични боеви глави за руските дронови „Шахед“.

Како што соопшти Генералштабот на Украина, нападот го извеле единиците на Силите за беспилотни системи, во координација со други одбранбени структури. Целта, велат, била да се попречи руската способност за производство на експлозивни материјали и воена опрема што директно се користи во офанзивите на фронтот.

Фабриката, основана во 1915 година, е поврзана со државниот воен конгломерат „Ростек“ и претставува еден од клучните објекти на руската одбранбена индустрија, снабдувајќи ги руските вооружени сили, Министерството за внатрешни работи и безбедносната служба ФСБ, пренесува „Киев Индепендент“.

Иако од руските власти нема официјална потврда за нападот, Министерството за одбрана на Русија изјави дека било пресретнато вкупно 91 украинско беспилотно летало во повеќе региони, од кои осум над Московскиот регион. Сепак, од Украина велат дека во близина на Краснозаводск се слушале неколку експлозии, а во областа биле забележани противпожарни возила.

Овој напад е дел од пошироката стратегија на Украина за таргетирање на руските индустриски и воени капацитети далеку од линијата на фронтот, со цел да се ослабат логистичките и производствените можности на Москва. Украинските дронови претходно погодија нафтени депоа, воздухопловни бази и фабрики за електроника на руска територија.

Зачлени се на нашиот е-билтен