Украинската армија се повлече од Северск во Доњецката област

Украинските сили се повлекоа од градот Северск во Доњецката област, каде што руските трупи имаат значителна предност во човечки ресурси и воена техника и продолжуваат со офанзивните дејства, соопшти Генералштабот на Вооружените сили на Украина.

Според официјалното соопштение, жестоките борби во близина на Северск продолжуваат, а руските сили, и покрај претрпените загуби, не ја запираат офанзивата. „Со цел да ги зачуваме животите на нашите војници и борбената способност на единиците, украинските бранители се повлекоа од градот“, се наведува во соопштението, кое го пренесува Украинска правда.

Во Генералштабот посочуваат дека руските трупи напредувале благодарение на бројната надмоќ и постојаниот притисок од мали јуришни групи, дејствувајќи во тешки временски услови. Сепак, како што се додава, Северск и понатаму останува под огнена контрола на украинската армија.

„Логистиката на непријателските единици е пресечена, а тие се блокирани во градот со цел да се спречи понатамошно напредување“, наведуваат од украинската страна.

Во меѓувреме, началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов на 11 декември го информираше рускиот претседател Владимир Путин дека руската армија го зазела Северск, тврдење кое украинските власти претходно го оспорија.

Зачлени се на нашиот е-билтен