Украинската Министерка за енергетика поднесе оставка по антикорупциска истрага

Министерството за енергетика на Украина соопшти дека министерот поднел оставка поради истрагата што ја спроведува Националното биро за борба против корупцијата (НАБУ), поврзана со злоупотреби во енергетскиот сектор.

Во изјава објавена на социјалните мрежи, министерот ги негираше обвинувањата и најави дека ќе ја докажува својата невиност во судска постапка.

Украинската Влада претходно одржа вонредна седница на која беше донесена одлука за суспензија на двајца министри во рамките на поширока истрага за корупција во државните институции.

Националното биро за борба против корупцијата на 10 ноември објави почеток на специјална операција насочена кон откривање мрежа на влијание врз стратешки претпријатија во енергетскиот сектор, особено врз нуклеарната агенција „Енергоатом“.

Според наодите на НАБУ, преку оваа шема биле испрани речиси 100 милиони американски долари. Досега се приведени пет лица, а уште двајца се идентификувани како можни соучесници во манипулирање со јавни набавки во државните компании.

Истражните органи информираа дека деловни партнери на „Енергоатом“ биле изложени на притисоци да исплаќаат мито од 10 до 15 проценти за да ги задржат договорите или навремено да ги добијат плаќањата. Истрагата траеше околу 15 месеци и опфати над 70 претреси низ Украина.

Зачлени се на нашиот е-билтен