Украински дронови уништија МиГ-29 и руски радарски систем во Крим

Украинската воена разузнавачка служба (ГУР) изведе нов ноќен напад на окупираниот Крим, при што биле уништени руски борбен авион МиГ-29 и радарски систем „Иртиш“. Веста ја соопшти самата агенција, а ја пренесува Kyiv Independent.

Според објавата на ГУР на Телеграм, операцијата ја извела специјалната единица „Примари“, позната и како „Духовите“. Ударите со далекуметни дронови биле насочени кон:
– воздушната база Каќа, во близина на окупираниот Севастопол, каде што бил уништен авионот МиГ-29;
– подрачјето кај Симферопол, главниот град на Крим, каде што бил погоден радарскиот систем „Иртиш“.

Како доказ, ГУР објави и видеоснимки на кои се гледаат целите во нишан пред ударот. Типот на дроновите што биле употребени не е откриен. Kyiv Independent забележува дека засега не може независно да го потврди конечниот исход или степенот на нанесената штета.

Од ГУР порачуваат дека специјалните единици продолжуваат „систематски да ја демонтираат“ руската противвоздушна одбрана над привремено окупираниот полуостров, уништувајќи радари, ПВО-системи, а сега и борбени авиони на руските сили.

Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, е една од главните воени бази од кои Москва ги изведува нападите врз Украина. Од 2023 година, Киев значително ги засили ударите врз полуостровот, користејќи воздушни и поморски дронови за таргетирање на клучни капацитети.

Во август годинава, ГУР соопшти дека го погодил радарот 91N6E, дел од напредниот ПВО-систем С-400 додека во септември беа уништени два воени летачки чамци Бериев Бе-12.

Аналитичарите оценуваат дека ваквите операции имаат цел постепено да го ослабнат руското воено присуство на Крим и да создадат услови за поголем оперативен притисок врз руските сили во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен