Унгарскиот парламент го усвои законот со кој се забранува производството и комерцијализацијата на лабораториски одгледано месо, вклучително и производи добиени со култивирање животински клетки во контролирани лабораториски услови.
Законот помина со 140 гласа „за“, 10 „против“ и 18 „воздржани“, што ја прави Унгарија една од првите европски држави што воведува сеопфатна забрана за култивирано месо. Мерката ги опфаќа сите фази од синџирот на снабдување од производство и дистрибуција до маркетинг и продажба.
Унгарското Министерство за земјоделство, кое силно ја поддржа иницијативата, предупредува дека лабораториски одгледаното месо може да претставува закана за „традицијата, прехранбената култура и домашното земјоделско производство“. Министерот Иштван Наги претходно изјави дека ваквите производи „ги поткопуваат вековните прехранбени навики и безбедноста на храната“.
Законот не се однесува на растителните алтернативи, чие производство и продажба остануваат дозволени. Властите нагласуваат дека целта не е ограничување на веганските и вегетаријанските производи.
Поддршка за забраната дојде од повеќе политички блокови – покрај владејачката коалиција Фидес–КДНП, за законот гласаа и претставници од Јобик, Ми Хазанка и Парбесед.
Со ова Унгарија се приклучи на Италија, која во 2023 година стана првата европска држава што го забрани лабораториски култивираното месо. Критичарите, пак, предупредуваат дека строгиот пристап може да го забави развојот на иновации и научни истражувања во прехранбениот сектор, особено во делот на одржливо производство на храна.
Подржувачите на култивираното месо истакнуваат дека технологијата може да го намали еколошкиот отпечаток, потрошувачката на ресурси и емисиите на штетни гасови, додека унгарските власти повторуваат дека „долгорочните последици по здравјето и општеството сè уште не се доволно испитани“.

