Папата Франциск, кој се бори со двојна пневмонија, четврти ден по ред е во критична состојба, но е стабилен, соопшти денеска Ватикан.
Франицск (88) ја поминал својата дванаесетта ноќ во римската болница Гемели, што е неговиот најдолг престој во болница за време на неговото папство.
„Клиничката состојба на Светиот Отец останува критична, но стабилна“, се вели во најновиот медицински извештај.
Официјален претставник од Ватикан, кој не сакаше да биде именуван бидејќи не е овластен да разговара за неговата состојба, за медиумите претходно денеска изјави дека папата јаде нормално, се движи низ својата болничка соба и продолжува со лекувањето.
Ватикан, исто така, откри дека Франциск во понеделникот се сретнал со неговиот најблизок соработник, кардиналот Пјетро Паролин и неговиот заменик.
Единствениот друг познат посетител на Папата беше италијанската премиерка Џорџа Мелони, која го посети на 19-ти февруари.