Ватикан: Папата Лав повика на реформа на затворскиот систем

Папата Лав XIV денеска остро ја критикуваше пренатрупаноста на затворите и недостигот од програми за рехабилитација на затворениците, обраќајќи се за време на специјална миса посветена на притворениците, затворските чувари и нивните семејства. Мисата воедно беше и завршен настан на Светата година 2025 во Ватикан, објави Associated Press.

Според податоците на Ватикан, за учество на викенд-аџилакoт биле пријавени околу 6.000 лица, меѓу кои претставници на големи италијански казнено-поправни установи, затворски волонтери, управители и капелани од дури 90 земји. Италијанската асоцијација на затворски капелани потврди дека и неколку групи затвореници добиле специјална дозвола да присуствуваат.

Во својата проповед, папата Лав укажа на тешките услови со кои се соочуваат затворениците, дури и во економски поразвиените земји. Тој повика на поголемо милосрдие и простување не само кон притворениците, туку и кон оние што се задолжени за нивното чување.

„Тука можеме да ја споменеме пренатрупаноста, недоволната посветеност за обезбедување стабилни образовни програми за рехабилитација и можности за вработување“, рече папата, нагласувајќи дека се потребни трпение и простување.

„На лично ниво, не смееме да ја заборавиме тежината на минатото, раните што треба да се излечат и на телото и во срцето, разочарувањата и бескрајното трпение што е потребно со самите себе и со другите кога се оди по патот на преобразбата, како и искушението да се откаже или да престане да се простува“, порача тој.

Мисата беше и последниот голем настан на Јубилејот 2025, симболично заокружувајќи ја Светата година што на Бадник 2024 година ја отвори папата Франциск. Централната порака на оваа Света година беше надежта, особено за луѓето на маргините на општеството.

Во текот на својот дванаесетгодишен понтификат, папата Франциск го стави пасторалниот ангажман со затворениците меѓу своите приоритети, со цел да им понуди перспектива за подобра иднина. Токму тој, на 26 декември минатата година, го посети римскиот затвор „Ребибија“ за да ги отвори Светите врати и симболично да ги вклучи затворениците во прославите на Јубилејот.

Папата Лав во неделната проповед се потсети на тој настан, како и на повикот на Франциск до владите ширум светот, за време на Светата година да понудат амнестии и помилувања за затворениците, практика длабоко вкоренета во јубилејската традиција на Католичката црква.

Пренатрупаноста на затворите во Италија е хроничен проблем на кој со години укажуваат Европскиот суд за човекови права и бројни хуманитарни организации. Според податоците на италијанската асоцијација за права на затворениците „Антигоне“, затворите во земјата моментално работат со околу 135 отсто од покажаниот капацитет, во установи со помалку од 47.000 кревети се сместени над 63.000 лица.

Од „Антигоне“ наведуваат и дека лани затворските власти примиле 5.837 поплаки за нечовечно или понижувачко постапување, што претставува раст од 23,4 проценти во споредба со претходната година.

Светата година 2025 папата Лав официјално ќе ја затвори на 6 јануари, со затворањето на Светите врати на базиликата „Свети Петар“.

Зачлени се на нашиот е-билтен