Ватикан покрена истрага против швајцарски гардист поради наводен инцидент со антисемитска содржина

Ватикан во понеделник соопшти дека спроведува истрага поради можен антисемитски инцидент, во кој припадник на Папската швајцарска гарда наводно направил гест на плукање кон две еврејски жени за време на папска аудиенција на 29 октомври на влезот во Плоштадот Свети Петар.

Настанот се случил токму на денот кога Папата Лео XIV ја предводел аудиенцијата посветена на одбележувањето на 60-годишнината од декларацијата „Nostra Aetate“ – документ со кој Католичката црква воспостави нови односи со еврејската заедница и другите немуслимански религии.

Според сведоштво на израелската писателка и театарска режисерка Михаел Говрин, член на еврејската делегација, гардистот им се обратил со зборовите „Евреите“, потоа плукнал во нивна насока, додека тие се приближувале кон плоштадот. Говрин го потврди случајот за агенцијата Associated Press, пренесувајќи ги своите претходни изјави дадени за австриската агенција Kathpress.

Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, изјави дека гардата примила пријава за инцидент со „елементи што може да имаат антисемитска конотација“. Тој додаде дека според првичната реконструкција, спорот настанал околу барање за фотографирање на пунктот на гардата.

Во ист ден, Папата Лео XIV во своето обраќање пред присутните нагласи дека „Црквата не толерира антисемитизам и се бори против него“, што беше поздравено со долг аплауз.

Во официјалното соопштение, Папската швајцарска гарда изрази „посветеност на почитување на достоинството на секоја личност и на принципите на еднаквост и недискриминација“, нагласувајќи дека ќе соработува во целосното расветлување на случајот.

Основана во 1506 година, Папската швајцарска гарда е најстарата активна воена единица во светот и е задолжена за заштита на папата и Ватикан.

Зачлени се на нашиот е-билтен