Конклавата за избор на новиот поглавар на Католичката црква, која брои 1,4 милијарди верници, ќе започне на 7 мај, потврди денеска портпаролот на Ватикан, Матео Бруни.
Кардиналите кои ќе учествуваат во конклавата го утврдиле датумот на затворена средба во Ватикан, точно една недела по смртта на папата Франциск на Велигденскиот понеделник.
Највисоките црковни службеници ќе се повлечат во Систинската капела, каде што нема да имаат контакт со надворешниот свет.
За избор на новиот папа ќе биде потребно двотретинско мнозинство од 135 кардинали кои се очекува да учествуваат во процесот. Оваа постапка може да трае со денови или дури недели. Најдолгата конклава во поново време беше во 1831 година, кога Григориј XVI беше избран по повеќе од 50 дена. Во 20-тиот век, најдолгата конклава траеше само пет дена и 14 круга гласање, кога беше избран Пиј XI во 1922 година.
Претходните две конклави, одржани во 2005 и 2013 година, траеа само два дена. Бенедикт XVI беше избран во четвртиот круг, а Франциск во петтиот круг на гласање. Во тајното гласање можат да учествуваат кардинали помлади од 80 години.
По успешното двотретинско гласање, кардиналите го прашуваат новиот папа дали ја прифаќа должноста и кое име сака да го користи.
Светот дознава дека е избран нов папа кога службеник со посебни хемикалии ги пали гласачките ливчиња и бел чад излегува од оџакот на Систинската капела. Други хемикалии се користат за да се произведе црн чад, што означува дека гласањето не е успешно.
На крајот, високопозициониран кардинал излегува на централниот балкон на базиликата Свети Петар за да објави: „Habemus Papam“ (Имаме папа).