Договорот што ќе ѝ овозможи на Велика Британија да учествува во една од водечките одбранбени програми на Европската унија – SAFE, вредна 150 милијарди евра, би можел да биде постигнат до средината на ноември, потврдија извори од Европската комисија.
Иако Британија како земја надвор од ЕУ не може целосно да учествува во програмата, која има за цел зајакнување на заедничките набавки на европски оружени системи и повторно вооружување на Унијата во контекст на заканите од Русија, се очекува специјален договор што ќе ѝ овозможи делумно приклучување.
Преговорите меѓу Брисел и Лондон започнаа летово, а Европската комисија соопшти дека преговорите напредуваат брзо и ефикасно.
„Можеме ли да очекуваме бел чад пред 30 ноември? Тоа е нашата надеж,“ изјави портпаролот на Комисијата, Томас Рењије, додавајќи дека целта е договорот да биде финализиран околу средината на ноември.
Очекувањата се договорот да биде постигнат навреме за земјите-членки на ЕУ да ги усогласат своите национални планови за трошење на средствата од заемната програма до крајот на месецот.
Во петок, еврокомесарот за одбрана Андриус Кубилиус и британскиот министер за одбрана Џон Хили требаше телефонски да разговараат за текот на преговорите.
Програмата SAFE содржи и т.н. „европска преференца“, со која најмалку две третини од набавките финансирани преку неа мора да бидат произведени во рамките на Европската унија, што треба да го поттикне развојот на европската одбранбена индустрија.
Потенцијалниот договор се смета за взаемно корисен потег, бидејќи Велика Британија би добила пристап до дел од европските програми за одбрана, а Унијата би зајакнала соработка со една од најмоќните воени сили во Европа.

