Венецуеланската опозициска лидерка и добитничка на Нобеловата награда за мир за 2025 година, Марија Корина Мачадо, нема да присуствува на свечената церемонија во Осло поради сериозни закани од авторитарното раководство на нејзината земја, соопшти Нобеловиот институт.
Директорот на институцијата, Кристијан Берг Харпвикен, за норвешката NRK потврди дека Мачадо не се наоѓа во Норвешка и дека нема да се појави на сцената на традиционалната церемонија што секоја година се одржува на 10 декември во градското собрание во Осло.
Мачадо ја доби наградата во октомври, како признание за нејзината длабока и долгорочна посветеност на демократските права на венецуелскиот народ. Но нејзиниот евентуален пат до Норвешка со недели беше обвиен со неизвесност.
Опозициската лидерка се крие во Венецуела, откако државното обвинителство предупреди дека доколку ја напушти земјата, ќе биде третирана како бегалка поради истрагите што се водат против неа.
Доколку сепак отпатуваше во Осло, Мачадо можеше да се соочи со апсење при враќањето или со забрана за повторен влез во Венецуела. Таа се плаши и за својот живот, тврдејќи дека би можела да биде убиена доколку властите ја пронајдат.
Во интервју за NRK минатата недела, Мачадо изјави:
„Правам сѐ, правиме сѐ за тој ден. Кога ќе дојде тој ден, можеме да се сретнеме во Норвешка, тоа би била најголемата чест во мојот живот.“
Нобеловиот институт ја изрази својата загриженост за безбедноста на добитничката и нагласи дека Мачадо и натаму останува симбол на борбата за слобода и демократија во Венецуела, и покрај тоа што не може лично да ја прими наградата.

