„Заканата за која најмногу се грижам кога станува збор за Европа не е Русија, не е Кина, не е некој друг надворешен фактор. Она за што ме загрижува е заканата одвнатре, отстапувањето на Европа од некои од основните принципи, принципите што ги споделува со САД“, рече Венс на Минхенската конференција за безбедност, која секоја година собира политички лидери, воени претставници и дипломати.
Венс зборуваше и за тоа како Брисел ги затвора социјалните медиуми поради говор на омраза, ја критикуваше Германија за, како што рече, рациите врз граѓаните за објавување антифеминистички коментари, Шведска за осуда на христијанска активистка, Велика Британија за назадување во однос на верските права и Романија за поништување на изборите.
„Ако вашата демократија може да биде уништена со неколку стотици илјади долари дигитално рекламирање од странска земја, тогаш таа не е многу силна…Ако бегате од вашите гласачи во страв, Америка не може да направи ништо за вас“, рече Венс.
Тој, исто така, ги поддржа десничарските партии на кои им беше забрането да служат во европските влади и ги бранеше антиимиграциските политички партии и нивните поддржувачи.
„Ниту еден гласач на овој континент не гласаше за приливот на милиони непроверени имигранти“, нагласи американскиот потпретседател. Тој додаде дека нема поитно прашање во Европа и САД од имиграцијата.
Говорот на Венс ги изненади лидерите и официјалните лица кои очекуваа тој да се фокусира на прашањето за Украина и Русија, по разговорите на претседателот Доналд Трамп со рускиот лидер Владимир Путин.
„Администрацијата на Трамп е многу загрижена за европската безбедност и верува дека можеме да постигнеме разумно решение меѓу Русија и Украина. Исто така, веруваме дека е важно Европа да преземе поголеми одговорности за да ја обезбеди својата одбрана во наредните години“, рече американскиот потпретседател.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус го критикуваше говорот на Венс на конференцијата:
„Ако го разбрав правилно, тој споредува делови од Европа со авторитарни режими. Тоа е неприфатливо“, рече Писториус.
Венс, како што соопштија од неговиот кабинет, на маргините на конференцијата се сретнал со лидерката на германската крајнодесничарска партија АфД, Алис Видел. Официјалниот претставник рече дека американскиот потпретседател се состанал со водачите на сите големи германски политички партии и со највисоките функционери.
Изјавите на Венс се „обид за пресврт на ситуацијата“ по загриженоста на Европа за американската демократија, изјави за Гласот на Америка Кристин Берзина, извршен директор на германскиот Маршалов фонд.
„Шокантно е што НАТО не беше спомнат, што немаше дискусија за Украина. Наместо тоа, тоа беше презентација на десничарската визија за демократијата пред изборите во Германија“, рече Берзина.