Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс изјави за „Фокс њуз“ во четвртокот дека војната во Украина нема да заврши наскоро, додека американскиот државен секретар Марко Рубио рече дека Русија и Украина сега се „поблиску, но сепак далеку“ од мировен договор.
„Сега кога секоја страна ги знае мировните услови на другата страна, на Русите и Украинците е да се договорат и да го запрат овој брутален, брутален конфликт“, рече Венс во интервју за „Специјалниот извештај со Брет Бајер“ на Фокс њуз.
„Ова нема да води никаде, Брет. Ова нема да заврши наскоро“, додаде Венс.
Во четврток, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави за истата телевизија дека „наскоро треба да има вистински чекор напред во врска со војната во Украина, или американскиот претседател Доналд Трамп ќе мора да одлучи колку повеќе време да посвети на ова прашање“.
„Мислам дека знаеме каде е Украина и знаеме каде е Русија во моментов… Тие се поблиску, но сепак се далеку“, рече Рубио во интервју за програмата Ханити на Фокс њуз.