Во инцидент со огномет кој се случил за време прославата на Нова година во Хонолулу на Хаваите, три лица загинале, а повеќе од 20 се повредени.
Огнометот кој бил поставен на маса се превртел и испукал кон пакети со останати огномети, кои потоа ланчано експлодирале.
На лице место загинеле две жени, додека трета починала во болница, соопштија синоќа властите. Повеќе од 20 лица, меѓу кои и деца, биле пренесени во болница со тешки изгореници и повреди од експлозии. Неколку од повредените се наоѓаат во критична состојба.
BREAKING: At least 2 people killed, 22 injured after fireworks explosion in Honolulu, Hawaii pic.twitter.com/RW2SDSP3QM
— BNO News (@BNONews) January 1, 2025
Инцидентот ги разгори дебатите за користењето на огномет на Хаваите, а властите повикаа да не се користат низ градот и ветија заострени казни за нивна употреба без дозвола.
Гувернерот Џош Грин укажа на потенцијалната опасност од огномети, споредувајќи ја природата на повредите во овој случај со оние од воени зони.
Според американските медиуми, првиот кат од куќата каде што се случил инцидентот е значително оштетен, а од експлозиите настрадале и прозорците на куќите на спротивната страна од улицата. Според официјалните лица, некои луѓе во близина продолжиле да палат огномети додека жртвите на експлозијата биле носени во болница.
„Работам во брза помош повеќе од 30 години, и ова веројатно е еден од најтешките случаи со кои сум се соочил, имајќи ја предвид големата трагедија, бројот на пациенти и сериозноста на повредите,“ изјави д-р Џим Ајрленд, директор на Одделот за итна помош на Хонолулу.