Високи американски функционери разменувале доверливи воени информации на Сигнал, по гршка вклучиле и новинар

Членови на Советот за национална безбедност на САД користеле апликацијата „Сигнал“ („Signal“) за дискусии поврзани со воена операција против јеменските Хути, при што во затворената група се нашол и Џефри Голдберг, главен уредник на „Атлантик“.

Во групниот разговор учествувале високи претставници на американската влада, меѓу кои министерот за одбрана Пит Хегсет, државниот секретар Марко Рубио, потпретседателот Џеј Ди Венс и советникот за национална безбедност Мајк Волц, заедно со уште 14 други функционери.

Голдберг бил додаден во групата на 13 март 2025 година, два дена пред почетокот на нападите. Во текст објавен од „Атлантик“, тој открива дека во чатот се разгледувале детали за операцијата, вклучувајќи ги целите, времето на нападите, потенцијалните реакции од други држави и можните последици. Голдберг наведува дека потпретседателот Венс се спротивставил на брзото дејствување, но неговиот став не добил поддршка.

„Никогаш не сум бил сведок на толку флагрантно кршење на доверливоста. ‘Сигнал’ обично се користи за координација, а не за дискутирање на воени операции“, изјави Голдберг.

Не е јасно како новинарот се нашол во групата, бидејќи нема дозвола за пристап до доверливи информации. Советот за национална безбедност потврди дека истрагата е во тек.

Според правни експерти, креаторот на групата, Мајк Волц, можеби прекршил неколку одредби од Законот за шпионажа, кој строго го регулира ракувањето со воена тајна. Тие предупредуваат дека „Сигнал“ не е официјално одобрен за размена на класифицирани податоци, а евентуална загуба или компромитација на комуникацијата би можела да има сериозни последици за националната безбедност.

На 15 март 2025 година, по наредба на претседателот Доналд Трамп, САД извршија воздушни напади врз позиции на Хутите во Јемен. Според изјавата на Централната команда на вооружените сили, целта на операцијата била заштита на американските интереси и слободната пловидба во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен