Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, изјави дека Украина можеби ќе мора привремено да отстапи дел од својата територија како дел од мировен договор со Русија, јави во петокот британскиот BBC.
„Еден од сценаријата е… откажување од територија. Тоа не е фер. Но за мир, привремен мир, можеби тоа може да биде решение, привремено“, изјави Кличко во интервју за BBC.
Кличко додаде дека претседателот Володимир Зеленски можеби ќе биде принуден да прифати „болно решение“ за да се постигне мир, иако украинскиот народ „никогаш не би ја прифатил руската окупација“.
Поранешниот светски боксерски шампион во тешка категорија и политички ривал на Зеленски, Кличко претходно оваа година обвини лице од најблискиот круг на украинскиот претседател за политички интриги.
Русија во четвртокот навечер го нападна главниот град Киев со ракети и дронови, при што загинаа најмалку 12 лица – во најсилниот напад врз украинската престолнина оваа година.