Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, денеска треба да се сретне со катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдул Рахман ал-Тани, на шпанскиот остров Ибица, за да разговараат за предлогот за постигнување прекин на огнот, со кој би се ставил крај на војната на Израел против Хамас во Газа и би се ослободиле сите преостанати заложници, изјавија за „Аксиос“ два добро информирани извори.
Тие додадоа дека планот ќе биде презентиран на Израел и Хамас во следните две недели.
Неименуван израелски функционер, кој исто така учествувал во преговорите, за американскиот портал изјавил дека, иако Ерусалим не гледа проблем во напорите за постигнување сеопфатен договор, постои „огромен јаз меѓу Израел и Хамас во однос на крајот на војната, па затоа веројатно нема смисла да се зборува за таков договор во овој момент“.