Вкупно 18 држави од ЕУ заинтересирани за пристап до заеми преку инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE)

Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Грција, Шпанија, Франција, Хрватска, Италија, Кипар, Летонија, Литванија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Словачка и Финска – овие 18 земји-членки на Европската унија изразиле интерес за пристап до заеми во рамки на инструментот „Безбедносна акција за Европа“ (SAFE). Европската комисија ја поздрави оваа иницијатива, која има за цел да овозможи инвестиции во вредност до 150 милијарди евра.

„Силниот интерес за SAFE, со најмалку 127 милијарди евра потенцијални набавки за одбрана, јасно го покажува единството и амбицијата на ЕУ во областа на безбедноста и одбраната,“ изјави еврокомесарот за одбрана и вселена, Андриус Кубилиус.

Тој додаде дека Европската унија ќе ја поддржи желбата на земјите-членки да ја зајакнат европската безбедност:

„SAFE е симбол на нашата колективна посветеност за јакнење на нашата одбранбена подготвеност за побезбедна и пообединета иднина“, истакна Кубилиус.

SAFE е нов инструмент на ЕУ за јакнење на отпорноста и безбедноста. Преку него ќе се поддржуваат инвестиции во сектори како:

  • одбрана,
  • инфраструктура со двојна намена,
  • сајбер-капацитети,
  • стратешки синџири на снабдување.

Првата фаза – „изразување интерес“ – ѝ помага на Европската комисија да ја процени вистинската побарувачка и да се подготви за прибирање на потребните средства од пазарите на капитал.

Крајниот рок за официјално поднесување на барања за користење на инструментот SAFE е 30 ноември.

Зачлени се на нашиот е-билтен