Владата на емирите во Абу Даби преку фондот MGX, кој го предводи шеикот Тахнун бин Зајед Ал Нахјан, ќе преземе 15 отсто удел во американските операции на ТикТок, врз основа на извршна наредба на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Гардијан.
Фондот MGX ќе добие и место во управниот одбор на новата компанија што ќе биде формирана преку издвојување на ТикТок во САД. Заедно со компаниите Oracle, групацијата за приватен капитал Silver Lake и MGX ќе контролираат околу 45 отсто од американскиот ТикТок.
Американските компании вкупно ќе поседуваат нешто повеќе од 65 отсто од новата компанија, додека Кинеската компанија ByteDance, сопственик на ТикТок, ќе го задржи 19,9 отсто удел.
Американските операции за алгоритам, код и модерирање на содржини ќе бидат под контрола на новото претпријатие, а податоците за корисниците во САД ќе бидат зачувани во облак управуван од Oracle.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венз изјави дека новата компанија ќе биде проценета на околу 14 милијарди долари, а Трамп додаде дека договорот е одобрен и од кинескиот претседател Си Џинпинг.